Tuesday, March 18, 2008

Македонски списанија (1) - Kapital

Веќе некое време сум во Македонија, и меѓу редовните странски четива кои ги следам, некако почнав да пратам што се случува кај нас на old print сцената. Прво од оние нешта кои ми западнаа во очи беше Kapital. За жал, по неколку прелистани и прочитани броја, морам да признаам дека сум де факто разочаран. Kapital е чедо на Љупчо Зиков, кој едно време беше во игра како директор на МКРТВ, а сега се занивава со организирање разни конференции на теми од менаџментот, економијата, новинарството.

Списанието е претежно стандардно замислено. Има одделени секции за инвеститори и менаџери, по некое интервју и секако тема на бројот. Од време на време има и екстра прилози на однапред дефинирани теми што е по урнек на The Economist. Секција за бројки која е украдена од Time, но ајде, бројки се бројки, концептот на бројки во вертикала никој не може да го патентира, а следствено и плагијатизира.

Но за жал, целосен текст и те како се плагијазира. Во фебруари The Economist објави текст за Бил Рупрехт. Во последниот број на Kapital го имаме истиот текст, само преведен на Македонски, со наслов Човекот што љуби бројки. Без никаква референца, указ од каде е земен. Ужас. Следната страница, со наслов Случајот на Боинг, преведен збор по збор од книгата The Self-Destructive Habits of Good Companies: ...And How to Break Them. Се прашувам само, дали дури и ја купиле книгата, или ова е плагијат од извадокот од книгата кој е објавен на еден сајт-агрегат на знаење на Универзитетот на Пенсилванија. Страна 72, текстот со наслов Шефови на штикли е збор-за-збор копија на статијата од The Economist Girl power.

Трагичното го најдовме. Комичното е тоа што и кога преведуваат, крадците од Kapital подлажнуваат по малку. Во истиот број од кој ги извадов сите статии спомнати во постов, почнува некаков си фељтон насловен Првенците на Кристендом во Македонија. Овој пат за среќа има цитација, кредитиран е Стефан Бонсал од Њујорк Тајмс, 1908 година. Неговиот чланок почнува вака:

EVERY Spring when the sparks fly upward and the geese and the blackbirds wend their way north, there is sure to be warlike news from the Balkans


Преводот на Kapital изгледа вака

Секоја пролет кога сончевите зраци стануваат посилни, а птиците го пробиваат својот пат од север, со сигурност може да се очекуваат вести за војна од Македонија

NB. италикот е моја додавка


Искрено немам зборови. Не ми е јасно која мака го натерала кутриот човек кој го преведувал ова да го смени зборот Балкан со Македонија. Ќе да е овој бран на солипсистички национализам кој ни ја има зафатено нацијата деновиве.

По мало веб пребарување, се испоставува дека ова не е ништо ново. Пред некое време имало и интерни препукувања заради плагијаторство на сопствени стории што резултирало со низа откази.(Се е во ред додека ние копираме некој, но дури кога нас ке почнат да не копираат сфаќаме дека не чини).

Да ги оставиме настрана и овие проблеми. Секцијата посветена на инвеститорите е премногу млака. Податоците се стари и неусогласени, па зарем е толку тешко на денот на печатење на весникот да се ископираат 5 табели од 5 различни веб сајтови, и цената на златото која ја објавуваат да не биде од пред 4 дена, а цената на барелот сурова нафта од пред 7!?? Се приметува недостиг на квалитетни луѓе кои би коментирале, и дури кога се прават посериозни статии, преовладува доза на несигурност и незнаење на основните економски закони. Сепак, ова е светски тренд предизвикан од огромниот раст на разновидни инструменти за тргување.

Сепак што да се прави со редакција од 16 луѓе кои претендираат да работат на сериозен политичко-економски неделник. Дури и оние викенд додатоци во дневните весници имаат поголема редакција, а нивна главна задача е да ископираат интервју со Бринти Спирс.

На крај, ред и да ги пофалам за интересните и донекаде успешни приказни за домашната сцена. Новинари на капитал се добитници на четири први награди (во изминативе шест години) за Најдобра Истражувачка Сторија кои ги доделува Македонскиот институт за медиуми. Анализите на домашната сцена се често подобри од она што може да се најде и прочита кај нас, но ова не е указ за нивниот голем квалитет, туку за очајната ситуација на нашето новинарство.

Add: Имав на ум да ја спомнам и веб страницата на Kapital, која е апсолутно очајна. Како што јас успеав да сфатам, бараат некаква си регистрација/плаќање за пристап до тековниот број, до чии линкови (иако се достапни на пример со менување на адресата директно) од главната страна може да се дојде само преку страница за регистрирање. В Во склоп на ова сивило се вклучува и сајтот на порталот Тотал, кој е во склоп на групацијата Капитал. Никаква естетика, лоши фонтови, мизерна прегледност и навигациа. Ми се допадна тоа што на сајтот на Тотал ги има за спуштање оние специјални прилози кои излегле во Kapital. Но се на се, офлајн фијаското е во сосесма ист стил надополнето со апатичните веб презентации.

2 comments:

Anonymous said...

Одличен осврт.

Жална е целата ситуација, пожално е што публиката го прифаќа Капитал, пред се заради тоа што најголем дел го добиваат за беспари :), претпоставувам

Anonymous said...

Од старт ја утнале целата работа.
Не ти пречи што пишува KAPITAL. - наместо КАПИТАЛ? Не ми е јасна ниту точкава во името.
Е некој кога ќе ја утне главата не вреди да се чита што има внатре. Еднаш имам прелистано еден примерок додека ја чекав жена ми на контрола во една приватна болница и доста ми беше.
Околу плагијатите во Капитал има многу за пишување (само како пример - фонтот на Opel беше користен насекаде низ весникот).
За изгледот треба повеќе простор отколку што имаат страници, па нема да ти земам место ;) Околу изгледот на сајтот зошто е толку очаен мислам дека пола им се простува на нив а им се префрла на Nextsense